Вооружена банда денеска изврши напади врз неколку банки во еден бразилски град, користејќи ги локалните жители како жив штит. Напаѓачите пукале кон полицијата, а зад себе оставиле експлозивни направи. Најмалку три лица загинаа во нападите, изјави висок претставник на државната безбедност.
Биле ангажирани повеќе од 350 полицајци кои користеле два хеликоптера, а двајца напаѓачи се уапсени.
Инцидентот се случи во Арасатуба, град со околу 200.000 жители во сојузната држава Сао Паоло, и е најнов во серијата насилни грабежи на банки во Бразил.
This is wild!
Next level robbery in Brazil.A gang ransacked three banks, took hostages & tied them to the hoods & roofs of cars to prevent the police from opening fire. pic.twitter.com/qyg1SENOfq
— JodiAnne (@JodiSAnne) August 30, 2021
Експертите сметаат дека бразилската програма за помош на сиромашните во текот на пандемијата на Ковид-19 ги охрабри разбојниците да извршат дрски напади во помалите градови во внатрешноста на земјата, каде што филијалите на банките сега чуваат повеќе готовина.
– Повеќе од 20 тешко вооружени лица го извршија нападот, користејќи 10 автомобили, изјави на прес-конференцијата извршниот секретар на воената полиција на државата Сао Паоло, Алваро Камило.
Тој истакна дека се случиле два одделни судира со полицијата, при што загинале три лица, меѓу кои двајца локални жители и еден од напаѓачите.
Камило ги повика жителите на градот да не ги напуштаат своите домови додека не се најде и деактивира експлозивот.
Според соопштението на воената полиција, додека разбојниците бегале, тие го користеле локалното население како жив штит и палеле автомобили, оставајќи експлозивни направи низ целиот град.
Во соопштението се додава дека двајца напаѓачи се уапсени, како и дека на еден минувач, кој бил повреден во експлозија, му била ампутирана ногата.