Секој разрешен судија може да ја оспори одлуката пред Врховниот суд
Судијата Енвер Беџети, кој неодамна беше разрешен од Судскиот совет на Република Северна Македонија поради ставање на американската „црна листа“, има целосно законско право да поднесе жалба. Ова го потврди претседателот на Советот, Александар Камбовски, по денешната седница.
„Секој судија кој е разрешен има право на жалба до Жалбениот совет при Врховниот суд. Тој совет е составен од судии од Врховниот, Апелацискиот и Основните судови,“ изјави Камбовски.
Судскиот совет не се меша во секоја поединечна одлука на судовите
Во однос на случајот со ослободувањето од притвор на Асмир Јахоски, што предизвика реакции во јавноста, Камбовски рече дека одлуката ја дознал преку медиумите.
„Тоа е судска одлука. Од медиумите дознав дека согласност за ослободување дало Основното јавно обвинителство. Судскиот совет нема ингеренции да интервенира во секоја одлука, затоа што секојдневно се носат илјадници пресуди“, нагласи тој.
Беџети може да го активира правниот механизам за ревизија
Иако е разрешен, судијата Енвер Беџети може да го искористи правниот механизам и да побара ревизија на одлуката. Жалбениот совет е независно тело во рамки на Врховниот суд, кое одлучува по вакви случаи.
Извор: Курир