Во тек е темелно чистење на Камениот мост и плоштадот „Македонија“, простори што градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги опиша како лицето на градот. Во рамките на активностите се отстрануваат натписите, графитите и насобраната нечистотија, со помош на специјално средство и чистење под притисок.
Ѓорѓиевски истакна дека на овие места се среќаваат генерации, се пречекуваат гости и се создаваат спомени за цел живот. Според него, многубројните туристи токму од овде ја понесуваат првата слика за Скопје како град со душа и историја, со препознатливо место на светската туристичка мапа.
„Затоа, овие симболи заслужуваат постојана грижа и внимание. Скопје заслужува да биде чисто, уредено и гордо на своите обележја. А сите ние имаме обврска да го чуваме она што ни припаѓа заеднички“, истакна градоначалникот.
Паралелно со чистењето, привршуваат и активностите за архитектонско осветлување на Камениот мост, како и за повторно пуштање во употреба на подната фонтана, која со години била оставена да пропаѓа. Според најавата, светлината и водата повторно ќе внесат живот и убавина во срцето на градот.

