Проект за декоративно и архитектонско осветлување на еден од симболите на Скопје

Камениот мост, едно од најпрепознатливите обележја на Скопје, наскоро ќе добие декоративно и архитектонско осветлување. Проектот треба да ја истакне неговата историска убавина и симболика, а реализацијата ќе се спроведе преку меѓународна соработка.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека денеска била одржана протоколарна средба со делегација од турската Есенлер и со раководството на Халкбанк АД Скопје, на која бил потпишан Протокол за пријателство и заедничка соработка.

„Едно од најпрепознатливите обележја на Скопје, Камениот мост, наскоро ќе добие декоративно и архитектонско осветлување, кое ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика“, напиша Ѓорѓиевски.

Потпишан протокол за соработка

На средбата присуствувала делегација составена од заменик-градоначалникот на Општина Есенлер, Омер Четинкаја, членот на Советот на Општина Есенлер Орхан Вардар, како и главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз.

На средбата присуствувале и членот на Советот на Град Скопје и член на Комисијата за меѓународна соработка Зекерија Бериша, како и почесниот конзул на Турција, Ајдован Адемоски.

Присутен бил и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој.

LED осветлување и нова естетска димензија

Според најавите, со реализацијата на проектот Камениот мост ќе добие современо декоративно осветлување, усогласено со неговите архитектонски карактеристики.

„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост, еден од главните симболи на Скопје и значајно културно-историско наследство, ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики“, посочи Ѓорѓиевски.

Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи LED светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето.

„Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи LED светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што мостот ќе добие нова естетска димензија и уште посилно ќе го истакне својот историски идентитет“, напиша градоначалникот.

Тој посочи дека со новото осветлување мостот ќе стане уште препознатлив симбол на градот.

„Со новото декоративно осветлување, Камениот мост ќе добие уште поголема препознатливост и ќе стане вистински ноќен симбол на Скопје, кој ќе ја истакне богатата историја и убавината на нашиот град.“

Благодарност до партнерите во проектот

Ѓорѓиевски упати благодарност до институциите и партнерите кои се вклучени во подготовката и реализацијата на проектот.

„Упатувам искрена благодарност до Општина Есенлер за поддршката и посветеноста во реализацијата на овој значаен проект, како и до Халкбанк АД Скопје и до сите инволвирани институции и поединци кои придонесоа за неговата подготовка и реализација.“

Тој додаде дека соработката претставува потврда за добрите односи и заедничката посветеност во зачувувањето на културното наследство на градот.

„Оваа соработка е уште една потврда за силните пријателски односи, меѓусебната доверба и заедничката посветеност во унапредување и зачувување на културното наследство на Скопје.“