Дваесет и двајца авганистански цивили, кои во изминатиот период престојуваа во  Македонија, добија престој во Канада. Со лет од Меѓународниот аеродром во Скопје денеска заминаа вработени и соработници на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“ и членови на нивни семејства, соопшти прес-службата на Владата.

– Со ова продолжува успешната мисија за трајно решавање на статусот на мирољубивото население на Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим. Северна Македонија активно учествува грижејќи се за неколку стотини кои до сега пристигнаа во земјава. Повеќе институции и невладини организации се ангажирани пружајќи им ја сета помош и поддршка додека се сместени во објекти во Скопје. Вклучени се здравствени работници, волонтери на Црвениот крст, а со правна помош за обезбедување документи потребни за заминување во трети земји асистира Македонското здружение на млади правници, информира владината прес-служба.