Извештаите за работењето на клиниката за Онкологија покажуваат катастрофална состојба и хаос и сето тоа било толерирано од страна на министерството за здравство. Причината е логична, во хаосот лесно се манипулира и злоупотребува особено ако се работи за екстремно скапа терапија каде што една ампула чини стотици и илјадници евра. Извештајот од финансиската контрола на Онкологија покажува дека системот на водење на контролата на лекови бил свесно поттурнуван и занемаруван и тоа не било возможно без знаење на врхушката на власта, бидејќи за состојбите на онкологија се зборуваше со месеци и години наназад и никој ништо не преземал, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Според податоците од извештајот, во поголем дел од историите недостига апликационата листа или таа не нецелосно потполнета. Исто така забележани се случаи каде што на пациенти им биле давани лекови на рака да ги аплицираат во други здравствени установи, а биле книжени како аплицирани на клиниката на Онкологија. На одделенијата за лежечки пациенти во амбуланстките дневници персоналот запишувал дека постоел остаток од некои вијали, но нема интерна книга, писмен траг или софтверски систем за тоа дали истите остатоци се фрлени или дадени и кому се давани. Канцер мафијата ловела во матно. Создала хаос, создала бажибозлук на клиниката за Онкологија каде имало скапа терапија и тоа го искористила, истакнуваат од партијата.
Пациентите според сведоштвата наместо соодветна услуга добивале физиолошки раствор или одложување на терапијата, а притоа без никој да води сметка скапата терапија била изнесувана од клиниката, а дел завршила на црниот пазар во земјава или странство.
-Овој скандал „Диво месо“ отвора сомнеж за дупла добивка за канцер мафијата, ем можност за неконтролирано изнесување на терапија, ем постојан недостаток на скапата терапија кој се набавувал ексклузивно од омилената веледрогерија. Случајот Диво Месо покажува каков грозоморен грабеж бил правен на грбот на најтешко болните пациенти и на сметка на даночните обврзници. Канцер Мафијата мора да одговара, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.