Потпретседателката на СДСМ и поранешна министерка, Каја Шукова, ќе биде кандидат за градоначалник за Скопје на претстојните локални избори, објави партискиот лидер Венко Филипче
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција соопшти дека Извршниот одбор на партијата донел одлука за уште 16 кандидатури за градоначалници, вклучувајќи ја и таа за главниот град. Тој рече дека за Скопје, кандидатот ќе биде потпретседателката на партијата и поранешна министерка за животна средина, Каја Шукова.
Во продолжение, Филипче го изнесе списокот на останатите кандидати:
„Кандидат за градоначалник на Битола ќе биде претседателот на општинската организација, Методија Куновски. Во Валандово – актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница – претседателот на општинската организација Гоце Милевски. Во Зрновци – исто така претседателот на општинската организација, Ванчо Митев, во Кавадарци – регионалниот партиски координатор Виктор Велевски. Во општина Карпош – д-р Маја Мојсова Мијовска, во општина Кисела Вода – Горан Трајковски. Во општина Маврово и Ростуше – Анес Ахмети. Во општина Ново Село – Петар Спасов, во Петровец – Елизабета Зелениковска. Во Прилеп – претседателката на општинската организација, Петра Лукароска, во Радовиш – исто така претседателот на општинската организација, Ристо Спасов. Во Свети Николе – Дејан Гичев, поранешен директор на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во општина Чашка – актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во општина Брвеница – Светлана Митреска Анџелковска, и кандидат за градоначалник на СДСМ за Град Скопје ќе биде партиската потпретседателка и поранешна министерка, Каја Шукова.“