Фернандо Вилависенсио, кандидатот на претстојните претседателски избори во Еквадор, кој водеше кампања против корупцијата и бандите, е убиен на предизборен митинг. Вилависенсио, пратеник во националното собрание на земјата, беше нападнат вчера додека го напушташе митингот во главниот град Кито. Тој е еден од ретките кандидати кои обвинуваа за врски меѓу организираниот криминал и владините претставници во Еквадор. По атентатот е прогласена вонредна состојба.

Еквадор историски беше релативно безбедна и стабилна земја во Латинска Америка, но неодамнешниот пораст на насилниот криминал – поттикнат од зголеменото присуство на нарко-картелите – е централно прашање во овогодинешната претседателска кампања. Сведоците рекоа дека Вилависенсио, конгресмен и поранешен новинар, бил застрелан три пати. Еден член на неговиот тим од кампањата изјави за локалните медиуми дека 59-годишникот се качувал во автомобил кога човек излегол напред и го застрелал во главата. Видеото од внатрешноста на зградата покажува испаничени поддржувачи како се наведнуваат барајќи засолниште и летоци од кампањата расфрлани низ подот обоен со крв.

Осомничениот напаѓач бил застрелан во престрелка со обезбедувањето, а подоцна починал од повредите, објави јавниот обвинител на земјата на социјалните мрежи. Во хаосот, уште девет лица се повредени, меѓу кои и еден кандидат за собранието на земјата и двајца полицајци, соопштија обвинителите. Шест лица се приведени од полицијата во врска со атентатот по рациите во Кито, додадоа тие.

Првиот круг од претседателските избори треба да се одржи на 20 август. Вилависенсио, кој е оженет и има пет деца, беше еден од осумте кандидати во првиот круг на изборите – иако тој не беше фаворит и според анкетите беше некаде на средината од листата.