На кандидатите за пилоти избрани согласно Јавниот повик за обука денеска им беа врачени уверенија.

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски истакна дека Агенцијата ќе ги кофинансира нивните обуки за стекнување на пилотски дозволи.

-Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе учествува во висина од 50 проценти од цената на чинење на овие обуки. Во повеќе наврати на средбите со министерот Николоски ја констатиравме како критична состојбата со воздухопловен персонал во Македонија. На овој начин покрај тоа што ќе создадеме нови воздухопловци, сметаме дека ќе ги раздвижиме активностите во спортиските клубови и спортските аеродроми кои низ годините соочувајќи се со проблеми, полека замираат, а кои во минатото биле основ за создавање на персонал од кој подоцна корист имале многу институции, вели Стојаноски.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски нагласи дека ваквите проекти се потврда дека Македонија може и има капацитет да води големи проекти и да се врати самодовербата и достоинството кај народот.

-Тука сме да ги согледуваме состојбите и да ги решаваме. Ќе продолжиме со поддршката, да стимулираме. Важно е дека процесот е транспарентен и се надевам дека на следниот оглас ќе има уште поголем интерес и поголем број на пријавени кандидати. Се надевам и дека истите покрај ангажманот во државниот, ќе можа да бидат ангажирани и во приватниот сектор, истакна Николоски.

Тој посочи дека по стапувањето на оваа Влада на функција, воведени се нови 16 авио дестинации кон скопскиот аеродром, а најави дека наскоро ќе биде објавени уште.

Николски и Стојаноски додадоа дека во понеделник ќе биде објавен уште еден оглас за нови 9 кандидати.