„Способноста на еден систем успешно да го зачува интегритетот на домашната и странската валута на својата територија е суштинска за целокупниот интегритет и стабилност на домашната економија и на финансискиот систем“, вели директорката на Дирекцијата за трезорско работење при Народната банка, Соња Каневче, во интервју за порталот „Пари“, во кое зборува за една од значајните функции на централната банка, односно издавањето и управувањето со книжните пари.

 Зборувајќи за активностите коишто ги презема Народната банка за обезбедување на интегритетот на книжните и на кованите пари како средство за плаќање, директорката Каневче се осврна на воспоставениот систем во институцијата за анализа на доставените сомнителни примероци банкноти, давањето експертиза и вештачење како единствена овластена институција, како и поддршката преку обука за подигнување на способностите за брзо, сигурно и ефикасно откривање на сомнителните книжни и ковани пари којашто ја обезбедува за лица кои секојдневно доаѓаат во контакт со книжните и кованите пари,  а кои се првата одбранбена линија во заштитата на интегритетот на парите.  

 Каневче посочува дека анализите коишто Народната банка постојано ги спроведува недвосмислено го потврдуваат сознанието дека македонскиот денар поседува софистицирани заштитни карактеристики и елементи коишто се добра заштита од  фалсификување.

 Кај нас не се забележува некоја позначителна појава на фалсификувани банкноти, особено не на фалсификувани примероци коишто по своите карактеристики можат да го доведат во заблуда населението. Во основа, во Народната банка се доставуваат фалсификувани банкноти коишто се со релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики. Имено, ниту една од нашите денарски банкноти не е лесна за фалсификување“, истакнува Каневче, додавајќи дека и покрај тоа што фалсификувањето во нашата земја е на релативно ниско ниво, Народната банка презема бројни мерки за спречување и справување со сите активности поврзани со фалсификувањето на парите.

 Во однос на заштитните елементи на парите, Каневче нагласува дека граѓаните можат и самите да се заштитат од фалсификувани банкноти. При проверката на банкнотите треба да имаат предвид дека оригиналите се разликуваат од фалсификатите по видот и квалитетот на хартијата од коja се изработени, по звукот што се слуша при превиткувањето, односно шушкањето на парата, водениот печат или знак којшто го имаат парите, флуоресцентните влакненца, заштитната нишка и по составот и комбинацијата на бои. 

 „Спречувањето на фалсификувањето, од една страна, се врши преку развој и надградба на заштитните елементи на парите, а од друга, преку постојана едукација и информирање на јавноста за начините на проверка на автентичноста на банкнотите и на монетите. Статистиката покажува дека на секои 1.000.000 парчиња оригинални банкноти во оптек има помалку од 5 фалсификувани банкноти, што ја сведува на минимум веројатноста дека населението ќе се сретне со фалсификувана банкнота“, вели директорката на Трезорот при Народната банка, Соња Каневче. 

 Прочитајте го целото интервју на следнава врска: https://pari.com.mk/intervju-kanevce-denarot-poseduva-sofisticirana-zastita-teska-za-falsifikuvanje/.