Коалицијата Бугарски патриоти која е предводена од ВМРО-БНД на Каракачанов, на вчерашните парламентарни избори во Бугарија освои 3,2 отсто од гласовите и не успеа да го надмине прагот од 4 отсто за влез во парламентот.

Коалицијата на Каракачанов лошо помина и на гласањето во дијаспората, освен во Македонија, каде што победи убедливо со 37,21 отсто. Сепак, тоа се само 96 гласа, според првичните неофицијални резултати на бугарската Централна изборна комисија.

Второпласирана на гласањето во Македонија е ГЕРБ на Борисов со 24,03 отсто, или 62 гласа. Партијата Има таков народ на Слави Трифонов, која победи убедливо речиси секаде во дијаспората, во Македонија освои само 8,53 отсто, или 22 гласа.

И повторените парламентарни избори во Бугарија вчера не успеаја да донесат јасен победник, па повторно ќе оди тешко формирање влада.