Откако Уставниот суд експресното го отфрли Барањето за заштита на лични права повредени со Договорот од Преспа, професорката Тања Каракамишева на својот фејсбук-профил најави дека случајот ќе го продолжи пред Судот во Стразбур затоа што овие права не може да си ги заштити пред македонските судови.
Уставниот суд на денешната седница сосема очекувано го отфрли моето Барање за заштита на лични права повредени со Договорот од Преспа, бидејќи според судијата Осман Кадриу, цитирам: ‘Договорот не бил поединечен акт, а преземените дејства не биле индивидуални дејства со кои може да бидат повредени индивидуални права на поедини индивидуи, групи граѓани или правни лица’?!?
Судијата Кадриу дури дал оценка за Спогодбата дека со неа се решавале, цитирам: ‘државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно тоа не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање’.
Да појаснам.
Во моето барање за поведување постапка за заштита на моите слободи и права секаде ги спорам преземените дејства со кои се повредуваат моите лични права на самоопределување, самоидентификација, национален и културен идентитет, право на име на држава и слично.
Во барањето ги спорам: дејството потпишување на Договорот од Преспа (‘Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција’ на 17 јуни 2018 меѓу ‘Првата страна’, Грција, претставувана од министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, и ‘Втората страна’, (безимената држава), претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров; дејствата на негово неуставно имплементирање во државата,
дејствата покренување постапка за измена на Уставот во Собранието согласно овој акт, дејството формирање административен Заеднички интердисиплиниарен комитет за цензура и слободата на говорот.
Оттука, не е точно дека поднесеното барање нема деловнички основ врз кој требаше да се поведе постапка.
Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд стои дека „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од пет години од денот на неговото преземање“.
Деловничката одредба повикува на постоење или на поединечен акт или на дејство со чие што извршување била сторена повреда на слободите и правата.
Според мене, сите горенаведени дејствија се дејства со кои се повредуваат моите лични и неприкосновени права, правото на самоидентификација, право на самоопределување, право на свој национален и културен идентитет, право на име на држава.
Очигледно е дека овие права не можам да си ги заштитам пред македонските судови поради што сум решена правдата да продолжам да ја барам пред Судот во Стразбур за што јавноста, како и секогаш, ќе биде благовремено информирана.