Продолжуваат активностите од карванот за промоција на вакцинацијата против Ковид-19, во организација на Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ. Карванот, кој има цел да ја промовира вакцината против вирусот како начин на сигурна имунизација на сите граѓани, особено на оние места низ земјава каде е ниско нивото на заинтересираност, денеска продолжува во Скопје пред „Ист Гејт Мол“ од 11 до 15 часот. Организираниот карван до завршувањето треба да помине уште низ осум локални заедници низ државата.
Главниот координативен кризен штаб за справување со КОВИД-19 (ГККШ) синоќа одлучи да ги прифати препораките на Комисијата за зазарзни болести за укинување на маските за учениците во основните училишта, физичко присуство на наставата на факултетите, максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто, и за укинување на сертификатите за вакцинација во отворените простории на локалите.
На Владата ѝ предложи измена на одлуката со која учениците во основните училишта ќе можат да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. Кризниот штаб донесе заклучок до Владата да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар. На Владата ќе и предложи и да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50 отсто да се зголеми на 75 отсто со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид. Исто така и да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, а за затворените делови да остане обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од КОВИД-19.
Во однос на препораката за неносење на маски за учениците министерот за образование Јетон Шаќири вчера порача дека ја прифаќа оваа препорака на Комисијата за заразни болести, но посочи дека конечната одлука очекува да ја донесе Владата на наредната редовна седница во вторник.
– Секоја препорака од Комисијата е добредојдена. Ако тие имаат проценето дека маските за децата во основно не се потребни јас ја прифаќам таа препорака. Секој вторник има седница на Влада. Ако е донесена, ќе треба да се почитува. Ја немам моментално таа информација, изјави Шаќири.
Согласно податоците од Институтот за јавно здравје вчера се регистрирани 322 нови случаи на КОВИД-19 од направените тестирања во претходното деноноќие, а 42 се реинфекции. Оздравени се 308, а починало едно лице.
Бројот на активни случаи во земјава, согласно вчерашните податоци, изнесува 1.972. Најголем број активни случаи има во Скопје – 1121, Битола – 156, додека останатите градови имаат двоцифрен број на позитивни случаи. Во Дојран во моментов нема лица позитивни на вирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 1.948.834 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 304.648, бројот на оздравени пациенти е 293.479, на починати е 9 197.
-Во светски рамки, Кина вчера регистрираше речиси 5.000 случаи на Ковид-19. Властите продолжуваат да се борат со високо преносливата омикрон варијанта на вирусот, додека фрустрацијата меѓу популацијата расте, јави Гардијан.
Како што наведува медиумот, по смртта на медицинско лице во Шангај, кое било одбиено за хоспитализација откако имало напад на астма, многумина се лути што мерките во земјата, се чини, предизвикуваат повеќе смртни случаи, отколку самиот вирус. Вчера се евидентирани 4.988 нови случаи, со зголемен број лица со асимптоматски инфекции, нешто што Кина го регистрира одделно. Грижите се зголемуваат во Шангај, град од околу 25 милиони луѓе, што евидентираше 1.609 нови случаи. Над 1.500 од нив се асимптоматски – остро зголемување од 979-те од претходниот ден.