Со 45,47 отсто од гласовите, Стефанос Каселакис победи на вчерашните избори за лидер на СИРИЗА, но без да го достигне потребниот процент за избор во првиот круг, па така заедно со Ефи Ахциоглу, која доби 36,21 отсто, влегуваат во вториот круг што ќе се одржи следната недела, јави дописничката на МИА од Атина.

На изборите за претседател на партијата имаше голем одѕив, па гласањето беше продолжено за еден час, а гласале 146.635 членови на СИРИЗА од кои дел се нови, кои се зачлениле вчера.

Бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД, а речиси во последен момент ја достави кандидатурата за лидер на СИРИЗА, по соопштувањето на резултатите доцна синоќа рече дека „беше направен првиот чекор за земјата набргу да добие прогресивна Влада“.

Поранешната министерка и актуелна пратеничка од СИРИЗА Ефи Ахциоглу рече дека следната недела ќе биде пресудна и ќе се одреди дали „битките што ќе се водат политички или не“, но и дека опозициската партија „не може да плови во матните води на лесни решенија“.

За претседател на СИРИЗА кандидирани беа поранешните министри и актуелни пратеници од СИРИЗА Ефи Ахциоглу, Ефклидис Цакалотос и Никос Папас, поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас и бизнисменот Стефанос Каселакис.

Вториот круг на изборите за претседател на СИРИЗА ќе се одржи в недела на 24 септември.