Католичките и протестантските верници и дел од православните христијани, кои се водат според грегоријанскиот календар, денеска го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик.
Божик денеска го слават и Вселенската патријаршија и православните цркви во Грција, Бугарија, Романија, Украина и Грузија, кои го прифатија грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според јулијанскиот календар, меѓу кои и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Српската православна црква, Московската и Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.
Во божиќна порака скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор Киро Стојанов, нагласи дека верува оти во оваа време би било утешно за сите нас да слушнеме повик на многу народи да тргнат по патот на мирот, дури и ако тие би можеле да произлезат од устата на оние кои го држат оружјето на моќта во своите раце.
– На почетокот на Адвентот во западната литургија го слушавме пророкот Исаија, кој пред себе има видение за многу племиња и народи кои се наоѓаат на патот на поклонение кон Сион, гората на домот Господов. Сите се согласуваат и меѓусебно се повикуваат да се искачат на гората Господова во домот на Богот Јаковов; каде што Бог „ќе ги научи на Своите патишта“ и каде што ќе одат „по патеките Негови!“ Патиштата Божји се патишта на мирот. „Тој ќе биде судија на народите, ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои во српови. Народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна. О, доме Јаковов! Дојдете, да одиме во Господовата светлина!“ (сп. Исаија 2,2-5), истакна бискупот Стојанов во пораката.
Тој додаде дека во денешно време ваквите тонови се сè помалку и помалку и иако можеби ги има, тие се толку слаби што едвај може да се слушнат, а сведоци сме дека моќниците на светот сѐ повеќе се однесуваат како лоши господари над оваа кревка планета измачена од многу војни и немири.
– Вистина, има луѓе кои се миротворци кои со сиот глас викаат за мир, кои копнеат и се молат, ниту еден народ никогаш да не крене меч против друг народ и никогаш повеќе да не се учат да војуваат, но нивниот крик или не може да навлезе во вревата на убиствените оружја или тие се толку малку што тешко се слушаат, додаде Стојанов.
Тој натаму нагласи дека во ова предбожиќно време „кога се подготвуваме да го прославиме дарот на големото милосрдие на нашиот Бог со кое нè посети младото Сонце од висините, кое дојде да им блесне на оние што седат во темнина и сенка смртна и да ги упати нозете наши на патот на мирот“, пред нашите очи се одвива нешто сосема друго, настани кои папата Франциск ги означи како „трета светска војна во делови“.
– Не можеме да останеме смирени додека ја набљудуваме страшната војна што се случува на нашиот праг, на оваа стара европска почва, каде што браќа удрија на браќа, мислам на Украина, но и на настаните што нè засегаат сите. Пред нашите очи е страдањето на луѓето, цивилите, жените, децата, старите и болните, чии слики и плач влегуваат во нашите домови преку медиумите, насекаде уништување и стенкање меѓу урнатините, а сето тоа носи одреден немир. Ова страдање на нашите ближни нѐ поттикнува да бидеме сериозни и кај нас буди страв од натамошна ескалација на конфликтот на светско ниво. Како да не се сочувствува со оние кои среде урнатините на своите градови, пред нивните уништени домови, со насолзени лица и беспомошни очи ги гледаат нивните уништени живеалишта, ги оплакуваат своите мртви, смрзнуваат и гладуваат во тешките и ладни зимски денови бараат некое ќоше каде барем за миг би можеле да се загреат, да почувствуваат топлина и во мир да изедат корка леб, која им преостанала. што сѐ уште им останала. За жал, нема топлина, ниту онаа вистинската да се загреат, ниту онаа човечката која би можела со еден потег да покаже сочувство и да престане да предизвикува уништување и смрт, вели скопскиот бискуп во божиќната порака.
Според него, по двете светски војни од минатиот век и милионите жртви, никој не можеше ни да замисли дека во 21 век војната повторно ќе се врати во Европа и дека решенијата за споровите на народите повторно ќе се решаваат преку нишаните на оружјето.
– Но, пред да се случи агресијата врз меѓународно призната држава семето на злото беше посеано многу порано, најпрво тлееше во некои глави како основа, а потоа следуваше ескалација на употребата на воените средства кои одземаат човечки животи, создаваат реки бегалци и уништувања. Секаков вид употреба на оружје е за осуда, секое ново прекројување на границите во Европа отвора вртлог, во кој може да бидат вовлечени и други земји, а со тоа дипломатскиот пат за решение станува уште потежок, нагласи монсињор Стојанов.
Тој потенцира дека учесниците во војна не можеме да ги делиме на лоши и добри, туку на оние кои страдаат и оние кои убиваат, потсетувајќи дека папата Франциск постојано ја осудува бруталноста и суровоста на војната, а Црквата постојано била и ќе биде на страната на оние кои најмногу се погодени од воените дејствија – невините жртви.
– Ние, христијаните, со надеж и вера ја набљудуваме Божјата величина и се молиме за пројавување на неговата моќ. Тој е нашиот Творец кој го држи секој поединец и сите народи во свои раце и само тој може да ни ги залечи раните и да ни помогне да изградиме мир и да живееме во мир. Луѓето кои ги следат Божјите патишта и ги слушаат неговите упатства знаат дека сите конфликти и сите војни се неприфатливи и треба да бидат забранети. Божјиот мир доаѓа на земјата каде што луѓето го следат Исус и го следат на неговиот пат, каде што работат на меѓусебно разбирање и се откажуваат од секаква омраза и одмазда, каде понекогаш се откажуваат од инсистирањето на правото, кога тоа право ги загрозува другите и им наметнува окови. Мирот Божји доаѓа во светот како Дете, невидлив и беспомошен, но тоа Дете е и знак на нов почеток, истакна Стојанов.
Бискупот додава дека при раѓањето на Исус Христос, кого пророците го објавија како „кнез на мирот“, ангелите со песна му искажаа слава на Бога и објавија мир на луѓето со добра волја.
– Тој мир го носиме во нашите срца. Исус ја зеде нашата човечка природа за да нѐ направи учесници во божествената природа. Тој нè ослободува од секакво зло. Го победи злото и гревот, ја победи и самата смрт. Човекот својот вистински мир го наоѓа само во Бога и преку Бога, бидејќи ние сме од Бога и сме создадени за Бога. Секогаш кога се оддалечуваме од Бога, кога грешиме против сопствената совест, кога правиме зло, ние го искривуваме, обезличуваме, се оддалечуваме од Божјиот лик во нас и нè обзема немир кој постојано се зголемува. Драги браќа и сестри, да одиме со вера во пресрет на Исус, Синот Божји, кој како Дете дојде на свет, затоа што сака луѓето да го сакаат, а не да се плашат од него“ (Божји слуга Јосип Штадлер). Тој ќе ни ги залечи раните и ќе ни ги насочи „нозете наши по патот на мирот“. На сите ви посакувам среќен Божиќ и благословена Нова година, нагласи скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов во божиќната порака.