За односите Скопје – Софија и бугарското вето изразува надеж дека „лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и Северна Македонија за справување со нивните проблеми“ и потсетува на изреката што често, за време на преговорите за името ја користеше неговиот претходник Никос Коѕијас „историјата треба да биде училиште, а не затвор“, за која вели дека и сега е актуелна.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Катругалос говори за бугарското вето, за минатонеделната средба на премиерот Заев со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, ги анализира односите меѓу Северна Македонија и Грција три години по Договорот од Преспа, но и две години со Влада на Нова демократија, истакнува дека се многу опасни прашањата што се покренуваат за промена на границите во регионот, а ги коментира и релациите Атина –Анкара во поширок контекст, истакнувајќи дека „политиката што кулминираше со Договорот од Преспа, би сакале да ја имаме и со Турција, но за танго, секогаш се потребни двајца“.
Господине Катругалос, да започнеме од посетата на премиерот Заев на Атина, се сретна и со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, бевте и Вие присутен на средбата, како поминаа разговорите?
-Секогаш се многу добри средбите меѓу Алексис Ципрас и Зоран Заев од едноставна причина што овој однос се изгради под многу тешки околности и се изгради доверба после децении на недоверба, токму затоа што и двајцата лидери имаа политичка храброст да го решат спорот, што требаше да се реши уште од 1990 година.
И генерално, Алексис Ципрас, сака и сега, од опозиција да биде протагонист во потребата сите земји од Западен Балкан да имаат европска перспектива, уште повеќе за земји како Северна Македонија, што имаат толку многу сторено, ги имаат исполнето нивните обврски кон Европската Унија во најголема можна мера.
Говорејќи за европската перспектива, на патот Северна Македонија кон ЕУ се појави бугарската блокада. Еден од предусловите беше спорот со името, се реши, сега го имаме ветото од Бугарија. Би можела Грција да направи нешто конкретно за да помогне, ако се земе предвид фактот што Грција е силен поддржувач на европската иднина на Западен Балкан?
-Пред сè, да Ви кажам дека целосно ја сфаќам големата тага- да употребам умерен израз- на народот на Северна Македонија, што по толку обиди, како што вели една наша поговорка, „иако стигна до изворот да се напие вода, не може да се напие“. И да потсетам дека обврските за добрососедските односи ги сносат секако земјите кандидати, но ги сносат и самите земји членки на Европската Унија.
И пред Договорот од Преспа беа направени обиди за приближување меѓу Северна Македонија и Бугарија за тежината на историјата што ја носиме сите на Балканот. Се чинеше дека работите се позитивни.
Сакам да се надевам дека лидерите во Бугарија ќе ја покажат истата смелост и храброст што ја покажаа лидерите на Грција и Северна Македонија за справување со нивните проблеми. Да потсетам на она што го велеше мојот претходник Никос Коѕијас и е многу актуелно дека „историјата треба да биде училиште, а не затвор“ и мислам дека во оваа насока се согласува и актуелната грчка Влада.
И за Договорот од Преспа и покрај тоа што имаше демагошка реакција од чисто предизборни причини од страна на Нова демократија, веќе сфаќа и целосно го поддржува имплементирањето на Договорот.
Сега кога го спомнавме Договорот од Преспа, како ги оценувате односите меѓу двете земји, три години по договорот, со оглед на тоа дека следниот месец се навршуваат три години од потпишувањето, но и две години со Нова демократија на власт?
-Тоа е историски договор и тоа нема да го видиме по три или по десет години, ќе биде многу долгорочно влијанието на Договорот од Преспа.
Да го кажам, колку е можно појасно. Нашите два народи се народи што ништо не ги дели на Балканот, тие објективно се сојузници, без претензии од двете страни, иако гледаме дека и понатаму е жив национализмот на други страни на Балканот и повеќе пати да се покренува прашањето за промена на граници.
Колку е опасно ова?
-Многу е опасно. Балканот и понатаму е буре барот во Европа со жаришта што се познати. Како што кажав и претходно постојат фанатични национализми, но не во нашата земја, не во вашата земја.
Од друга страна, бидејќи сакам да бидам објективен, не е целосно искористен дипломатскиот капитал од Договорот од Преспа. Важни одредби, на пример за учебниците, за трговските ознаки, сè уште не се целосно активирани, а пандемијата е само едно оправдување. Да не се лажеме, научивме да одржуваме состаноци преку интернет.
Можеби е изговор за одредени теми?
-Јас поднесов конкретно прашање до Владата на Нова демократија, токму затоа што сметам дека постојат одговорности од Нова демократија и секако за теми кои самата во минатото ги истакнуваше дека се од важен грчки интерес, како што се производите и книгите.
Сакам да кажам дека едно од основните достигнувања на Договорот од Преспа е, не да ги принуди, туку да ги одведе двете страни во директна комуникација за да ги решаваат евентуалните нерешени проблеми или прашања што се под регулација. И токму таму се забележуваат значајни доцнења во активирањето на овие комисии.
Но, мислам дека, барем од одговорот што го добив на пратеничкото прашање е дека постои политичка волја. Тоа беше потврдено и на средбата на премиерот Заев со премиерот Мицотакис и ќе ги следиме разврските.
Од Договорот од Преспа произлегуваат и трите меморандуми, кои од септември минатата година се доставени во грчкиот Парламент, но сè уште не е започната процедурата за ратификација. Второ е Советот за соработка на високо ниво, што исто така доцни во одржувањето. Пред десетина дена, токму овие две теми ги споменавте по средбата со министерот за надворешни работи Никос Дендиас. Која е причината за доцнењето? Пандемијата или нешто друго?
-Нашата критика во внатрешноста на земјата е поинтензивна, но бидејќи Вие сте пријателка новинар од друга земја, ќе говорам на поумерен и дипломатски начин. Ќе кажам нешто што треба да биде општо правило. Не треба партиските цели и намери да бидат водич за тоа како одиме напред во надворешната политика.
Да не речам дека е парламентарна аномалија, би рекол дека е парламентарно чудно, толку месеци протоколите да се доставени, да не постои сомнеж во однос на тоа дека треба да се ратификуваат, бидејќи Владата на Нова демократија никогаш нема кажано такво нешто и уште да не е одредено кога ќе се гласаат.
Дури и сега кога се чини дека премиерот Заев од премиерот Мицотакис доби уверување дека ќе бидат изгласани, немаме конкретен датум. Тоа е дел од прашањата кои ние секогаш интензивно ги покренуваме кога разговараме со Владата за потребата, конечно да дојдат за ратификација во Парламентот.
Меморандумите се и во интерес на Грција…
-Да, и во интерес на Грција се меморандумите. Главно мојата порака до народот во Северна Македонија е дека веќе имаме партнерски однос, веќе сме народи-пријатели и оваа соработка треба да се обидуваме, колку што можеме да ја продлабочуваме и било што, што е пречка во оваа насока треба да го отстраниме.
Нешто што е доста актуелно во Грција се грчко-турските односи. Во поширока рамка, колку влијаат на соседството, на поширокиот регион, на Западниот Балкан?
-Ние не сметаме дека Турција, по дефиниција е наш противник или непријател. Поставуваме еден предуслов за нашите односи со нив: почитување на меѓународното право и ова го очекуваме во секој облик на активностите, дали на билатерално или на мултилатерално ниво. Ова е нашиот став и во однос на Балканот. Ние сакаме добри односи со Турција. Ќе ви го кажам најкарактеристичниот пример. Кога беше постигнат политичкиот договор за гасоводот ИстМед меѓу Грција, Кипар и Израел и тоа во присуство на државниот секретар на САД за да покаже дека се согласува со политичката стратегија, токму следниот ден по договорот, јас отпатував за Анталија за да се видам со мојот колега, со господинот Чавушоглу, токму со пораката дека нашата цел не е да ја исклучиме Турција, но дека предуслов за Турција да учествува и во ова и во сè друго е почитувањето на меѓународното право, а особено на морското право. Па така, политиката што кулминираше со Договорот од Преспа, би сакале да ја имаме и со Турција, но за танго, секогаш се потребни двајца.