Кавадарци стана урбан, зелен и безбеден град со бесплатни оброци за учениците и нови паркови

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, на денешниот настан Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“,  истакна дека општината се развива како зелен и безбеден град, кој нуди современи услови за живот и унапредени услуги за граѓаните.

Јанчев посочи дека за секое дете од прво до петто одделение е обезбеден бесплатен оброк, градинките имаат капацитет за над 1500 деца, организирани се средните училишта, јавниот превоз и паркирањето, а во делот на зеленилото Кавадарци доби два нови парка на места каде порано имало депонии.

„Успеавме општината да ја доближиме до самите граѓани, Кавадарци стана урбан град, зелен град, безбеден град каде што младите имаат што да творат. Успеавме да немаме дете коешто чека за во градинка, капацитетот ни е над 1500 дечиња во градинка од само 500 претходно. Во основните училишта имаме бесплатен оброк од прво до петто одделение, средни училишта прекрасни, организиран јавен превоз, организирано паркиралиште, комплетен град. Во делот на зеленилото имаме подигнато над 200 илјади метри квадратни ново зеленило, нови 2 паркови кои од депонии се направени нови паркови, автоматско наводнување и можам да кажам дека јавните претпријатија се слуги на граѓаните, достапни до самите граѓани“, изјави Јанчев.

Тој додаде дека посебен акцент е ставен на спортот и рекреацијата. Изградени се пет спортски сали, а како клучен проект го посочи новиот ски-центар „Михајлово“, реализиран за седум месеци, кој е достапен за сите љубители на спорт и рекреација.

„Кавадарци расте на едно повисоко ниво, има 5 спортски сали изградено во последните 4 години, тоа дава за право нашите деца правилно се развиваат. Ски центарот „Михајлово“ кој се направи за 7 месеци, каде секој има достапност каде може секој да се рекреира и спортува, тука ни е отворен базен, затворен базен, трговски центар и морам да ги споменам и капиталните проекти кои се отпочнати и ќе следат, обиколницата на град Кавадарци, долгоочекуваниот проект граничниот премин Пулевац и со тоа Кавадарци ќе успее да има големо ниво на развој и економски и во делот на туризмот“, нагласи Јанчев.