Таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, при истрагата за киднапирањето и убиството на својата ќерка се однесувал на начин што предизвикал сомнежи кај полицијата. Началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски, во своето сведочење откри дека Ѓорчевски не само што ја предвидувал судбината на девојчето, туку и се движел на места што полицијата ги следела како дел од истрагата, пренесува ТВ21.

„Го следевме и однесувањето на таткото. На 27-ми ноември, неговото возило го видовме како поминува покрај Александар Палас кон Качанички пат околу 9.15 часот, само еден час откако истото го сторило Рено Кангу, возилото на Палчо. Кога го прашавме зошто не продолжил, тој рече дека го фатила гужба во сообраќај,“ сведочеше Димовски.

Таткото не само што ги предвидувал настаните, како што сам истакнал, туку и веднаш тврдеше дека Вања е киднапирана, а потоа убиена. „Кога го прашавме зошто е толку сигурен, тој рече дека логично му било по филмовите што ги гледал, девојчето да биде однесено на граница,“ додаде Димовски.

Истражителите откриле и комуникација скрин шот во мобилниот телефон. Тоа било разговор со ќерка му вечерта пред киднапирањето, советувајќи ја за облеката за следниот ден, нагласувајќи дека ќе биде ладно.

Димовски, исто така, посочи дека други родители од училиштето, кои биле дел од заедничката група за комуникација, истакнале дека таткото пуштил порака во која пишувало: „Кажете само колку пари треба?“ Пораката била брзо избришана, но некои родители ја виделе.

Таткото на Вања, исто така, бил директно споменат од Велибор Манев и Боре Видевски, кои сведочеле дека тој му кажал на Палчо кога девојчето ќе биде сама, што ги вклучило овие информации во истрагата и ја проширило мрежата на осомничени.