Додека за време на митинзи, средби, партиски прослави и во трговски центри политички фунционери се шетаа без маски и никој од нив не плати од џеб за прекршување на здравствените протоколи, оваа привилегија во последните 6 месеци ја немале над 7800 граѓани.
-Според официјалните податоци од МВР, од 1 јуни до 4 ноември најголем број од прекршоците се констатирани на подрачјето на СВР Тетово-3.232, потоа следува СВР Струмица – 1.588, СВР Велес – 1.222, СВР Куманово – 1.053 и СВР Скопје со 405 прекршоци.-МВР.
Па, ако се земе предвид дека 10 евра чини казната ако се плати за една недела, граѓани за неносење на маски дале најмалку 780.000 евра. А, под претпоставка дека сите ја платиле целосната казна од 20 евра, за пола година оние што биле фатени како ги прекршуваат мерките, за државата „одвоиле“ 1560000 евра.
Бидејќи се чини дека мерките и забраните не важат за претставници на власта и на опозицијата граѓаните немаат слух за порака „прави како што кажувам, а не како што правам!“ вели за Канал 5 психологот Мирјана Јовановска Стојановска која смета дека недовербата во државните институции доведува до конфузија и анкциозност кај граѓаните.
Мерките не се почитуваат и во угостителските објекти, па во последната недела Државниот пазарен инспекторат проверил повеќе од 700, а затворил три угостителски објекти, два во Скопје и еден во Гостивар, поради непроверка на сертификати за вакцинација, потврдуваат за Канал 5 од Инспекторатот.