Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24. Ѓорѓиевски истакна дека за време на неговиот мандат како градоначалник на општина Кисела Вода, докажал дека може да се стави ред во урбанизмот, спречувајќи прекумерно градење. Тој најави формирање експертски урбанистички тим кој ќе работи на растеретување на централното подрачје и насочување кон периферијата. Ѓорѓиевски исто така порача дека ќе биде бескомпромисен во борбата со дивоградбите и побара воспоставување градежна инспекција во Град Скопје.

-Јас мислам дека покажав како тоа во пракса изгледа со општина Кисела Вода. Прв кој што ќе го споменам е меѓународниот конкурс за Расадник, каде што требаше да има 99 згради, сега нема згради. Црниче, Пржино направете слободно проверка во секторот кај мене, откако јас сум градоначалник, нема издадено одобрение за градба со повеќе од 4 станбени едници, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека заедно со стручен урбанистички тим составен од експерти ќе работи на решавање на проблемот со прекумерното градење во централното подрачје. Тој нагласи дека фокусот ќе биде насочен кон растеретување на централното градско подрачје и проширување кон периферијата.

-Тоа ќе одлучиме со тимот урбанистички којшто ќе работи со мене, јас не сум урбанист, но врвни имиња се вклучени околу мене кои што ќе работат на таа проблематика. Една сериозна организација ќе биде тоа, би рекол од експерти, кои што ќе помогнат во процесот да ние го растеретиме ова дехумано градење особено во централното градско подрачје. Мојот концепт е градот да се шири, но во периферија, и така ќе функционира наредните 4 години, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека се спротивставува на дивоградбите и дека како градоначалник на Кисела Вода, бил првиот што спровел конкретни постапки и против индивидуални и против колективни објекти. Тој посочи дека Град Скопје нема сопствена градежна инспекција и самиот ќе побара или да му се дозволи нејзино формирање, или државата да го преземе овој дел од надлежностите, за да се избегне поделбата на одговорност.

-Тука треба да сме докрај јасни. Многу прецизно изминатиов период на оваа тема сум говорел, дека сум против дивоградбите сум против, дека сум прв градоначалник во историја на општина Кисела Вода, кој што постапувал против дивоградби и индивидуални и колективни. Сум постапувал и сум докажал дека законот треба да важи еднакво за сите и ќе важи во градот Скопје, кажа Ѓорѓиевски и додаде:

„Но треба да ги видиме ингеренциите на Град Скопје. Градот Скопје е единствена институција под локална самоуправа која што нема градежна инспекција. Јас барам или да ми се дозволи да имам градежна инспекција, па ќе видите во пракса што значи постапување против дивоградба или државата да ги преземе и од локалната самоуправа, односно да се централизира делот со инспекции, за да не си поделуваме одговорност во перспектива“.

Ѓорѓиевски посочи дека дел од дивоградбите се објекти во кои живеат граѓани и нагласи дека тие мора да бидат безбедни. Според него, многу од овие објекти постојат веќе 15-20 години, но тоа не ја исклучува потребата за проверка на истите. Ѓорѓиевски додаде дека, кога станува збор за нови дивоградби, би бил уште поригорозен во санкционирањето.

„Има објекти во кои што живеат граѓани. Тие треба да бидат безбедни објекти. И таму треба да се направат строги контроли, и јас не знам зошто, досега државниот инспекторат не постапил. Чесно треба да кажеме, дека тие дивоградби не се најголем дел од нив од вчера и од завчера. Тие постојат таму по 15-20 години, но треба да се провери каква е состојбата на истите да има темелни контроли. Онаму каде што живеат граѓани, за делот на отпочнување на дивоградби, јас би бил поригорозен од било кој“, заклучи Ѓорѓиевски.