Соработка со централната власт носи резултати
На денешниот митинг во Општина Конче, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изрази увереност дека кандидатот на партијата и актуелен градоначалник Зоран Ристов ќе обезбеди победа во првиот круг на локалните избори.
„Убеден сум дека ќе е така затоа што добро знам колку Ристов се вложи во изминатиов период, колку проекти реализираше и во едни тешки времиња кога нашата партија беше во опозиција и за жал немаше поддршка во централната власт“, истакна Николоски.
Николоски посочи дека вистинските промени во Општина Конче станале видливи откако ВМРО-ДПМНЕ се врати на централна власт и нагласи дека успешни проекти се резултат на соработка меѓу општината и Владата.
„Само заедничка работа помеѓу општината и владата носат успех и затоа е важно да имаме градоначалник кој соработува со Владата, со цел да имаме максимална соработка. Секако и мнозинство во советот кое го поддржува градоначалникот. Во договор со Јавното претпријатие Македонија пат и Јавното претпријатие за државни патишта целосно ќе го реконструираме и прошириме патот кој од овде води кон Радовиш, пат кој начесто го користите, кој е крвоток на овој регион. Помеѓу март и април месец ќе почнеме со работа“, потенцираше Николоски.
Тој исто така нагласи дека поддршката за локалните земјоделци и понатаму останува еден од приоритетите на партијата, со цел да се овозможи развој и стабилност на економијата во регионот.