Бројот на компании што ќе останат без лиценца за одгледување канабис за медицински цели ќе се зголеми на девет, најави министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочи дека се водат постапки за одземање на лиценците на уште три фирми, додека работата на уште една компанија е предмет на дополнителна анализа.
„Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземат лиценците. Четвртата се анализира“, рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за текот на инспекциските контроли во компаниите што произведуваат медицински канабис.
Владата на 24 февруари веќе донесе одлука за одземање лиценци на шест фирми кај кои комисија формирана од Министерството за здравство утврдила повеќе недостатоци во работењето.
Станува збор за компаниите „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои, според министерот, биле констатирани неправилности од административен, инфраструктурен и технолошки аспект, како и недостаток на човечки ресурси.
Една од компаниите, „Алфафарм“, се споменува и во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал поврзана со заплената на пет тони марихуана во околината на Крушевац. Во таа истрага осомничен е и еден од четворицата косопственици на компанијата.
Министерот Алиу најави дека контролите ќе продолжат и кај останатите компании во секторот.
„Засилените вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно, вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица“, рече тој.
Комисијата во Министерството за здравство беше формирана по заплената на околу 40 тони марихуана во земјава од повеќе компании. Акцијата следуваше по откривањето на пет тони марихуана во Србија, за кои тамошните власти соопштија дека потекнуваат од Македонија.
Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица кои се осомничени за вмешаност или поврзаност со шверц на марихуана од Македонија во Србија.
