Владата ќе инвестира во образование и студентски стандард, најавени и нови изненадувања за младите
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека унапредувањето на образованието, образовниот процес и инфраструктурата, како и подобрувањето на студентскиот стандард, се меѓу главните приоритети. Тој најави дека Владата ќе продолжи со активности во таа насока и дека во наредниот период ќе има нови мерки за младите и студентите.
Мицкоски посочи дека образованието претставува фундаментална вредност на секоја држава и дека е неопходно постојано да се инвестира во подобри услови за студирање.
– Ги завршуваме студентски домови. Почнуваме со изградба на нови. Мислам дека тендерот е веќе распишан. Ќе се заокружат и оние две згради за кои во моментот трае препроектирањето и кои се срам на едно време, така да го наречам. Тоа се двете згради – на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура, рече премиерот Мицкоски.
Владата најавува нови мерки за студентите
Премиерот нагласи дека образованието мора да биде во фокусот на државните политики и дека треба да се создаваат што подобри услови за младите.
– Образованието е фундаментална фундаментална вредност на една земја. Го подобруваме стандардот на студентите, покрај со ваучерите што ги дадовме за електронските уреди, тука се и обезбедените средства за редовна исплата на стипендии, за студентски оброк … Така што, младите се во фокусот на оваа Влада и во наредниот период кој ќе следи ќе имаме уште добри позитивни изненадувања за младите и за студентите, рече Мицкоски.
Изјавата ја даде одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот за изградба на нов универзитетски кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“.
