Убиецот на Росица пријавуван уште пред 12 години
Убиецот на Росица од Велес бил евидентиран во полициските станици во Скопје уште пред повеќе од една деценија. Хелсиншкиот комитет за Телма потврди дека четири други девојки од 2013 година наваму го пријавувале истиот човек поради малтретирање, следење, закани и навредливи пораки испишани за нив и нивните семејства на јавни места.
Сведоштва на жртвите
Една од девојките за „Слободен печат“ споделила детали од своето искуство со Илија, со кого била во врска околу една и пол година во периодот 2013–2014. Таа изјавила дека не можела да се ослободи од него, а тој се заканувал дека ќе си го одземе животот ако не му се врати. Во една прилика ѝ го одзел телефонот и испраќал пораки во нејзино име, заканувајќи се дури и на нејзината сестра. „Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција. Ми го вратија телефонот, но тој за тоа време испраќал мејлови претставувајќи се како мене за да ми го уништи професионалниот развој“, изјавила девојката.
Потреба од законски измени
Адвокатот Јанаки Митровски за Телма нагласува дека постојат најмалку три клучни фактори кои доведуваат до фемициди во Македонија. Еден од нив е потребата од законски измени со кои насилниците би биле приведувани поради ризик од повторување на делото.