Парламентарните избори во Србија се движат кон една од највисоките излезности во последните децении. Според најновите податоци што ги објави изборниот штаб на листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, до 18 часот на гласање излегле 64,9 проценти од запишаните избирачи.
Ова претставува зголемување од дури 13,5 процентни поени во споредба со парламентарните избори во декември 2023 година, кога до истиот час гласале 51,4 проценти од избирачите.
Доколку овие податоци се потврдат, тоа значи дека уште два часа пред затворањето на гласачките места, на изборите излегле повеќе граѓани отколку во текот на целиот изборен ден во 2023 година, кога конечната излезност изнесуваше околу 58,8 проценти.
Претходно, според податоците на ИПСОС и ЦеСИД, до 17 часот гласале 60,9 проценти од избирачите, наспроти 47,2 проценти на претходните парламентарни избори.
Ваквата динамика отвора можност конечната излезност да надмине 70 проценти, што би претставувало еден од највисоките резултати од воведувањето на повеќепартискиот систем во Србија.
Во историјата на парламентарните избори во соседна Србија, рекордот на излезност е 71,49%, воспиставен е во 1990.
Високата излезност може суштински да влијае врз конечниот распоред на политичките сили, особено во услови кога главната изборна битка се води помеѓу владејачката листа предводена од Александар Вучиќ и студентската листа, која произлезе од повеќемесечните антивладини протести.
Зголемената мобилизација на избирачите потенцијално може да влијае и врз помалите партии, вклучително и Социјалистичката партија на Србија, за која надминувањето на изборниот праг од три проценти е едно од клучните прашања.
Право на глас имаат околу 6,45 милиони граѓани, а избирачките места се затвораат во 20 часот.
Првите проценки за изборните резултати се очекуваат помеѓу 21:30 и 22 часот, кога ќе стане појасно дали високата излезност ќе донесе промена на власта во Белград.
