Емотивни зборови на херојот Ахмед од Синдеј

Објавени се емотивните последни зборови на Ахмед ал Ахмед, храбриот продавач кој разоружа еден од напаѓачите за време на терористичкиот напад на плажата Бонди во Сиднеј, како и фотографии од неговото закрепнување во болница. „Ќе умрам, кажете му на моето семејство дека сакам да спасам луѓе“, му рекол 43-годишниот Ахмед на својот братучед Јозај Алканџ непосредно пред да се стрча кон напаѓачот. Во нападот, кој се случи за време на прославите на еврејскиот празник Ханука, загинаа најмалку 15 лица, а десетици беа ранети.

Херојски чин и тешки повреди

Ахмед ал Ахмед, сопственик на продавница за овошје, во вирално видео се гледа како незабележано му приоѓа на напаѓачот од зад паркирани автомобили и му го одзема оружјето, принудувајќи го да се повлече. Драматичните снимки имаат над 20 милиони прегледи. За време на интервенцијата, тој бил ранет од вториот напаѓач, Навид Акрам, кој го погодил во рацете и рамото. Ахмед моментално се наоѓа во болница, каде е подложен на хируршки зафати за отстранување на куршумите, но според неговите блиски, е во добро расположение. Во негова чест е отворена страница на GoFundMe, преку која се собрани над еден милион долари, вклучувајќи и донација од 100.000 долари од американскиот милијардер Бил Акман.

Почести, реакции и пораки од лидерите

Таткото на Ахмед, Мохамед Фатех ал Ахмед, изјави дека неговиот син отсекогаш имал „импулс да ги штити луѓето“, наведувајќи дека претходно служел во полицијата и во централните безбедносни сили. Мајката, Малакех Хасан ал Ахмед, истакна дека е горда на својот син и го опиша како „делител“, додека роднини нагласуваат дека, иако немал искуство со огнено оружје, покажал исклучителна храброст.
Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, го посети Ахмед во болница и го оцени неговиот потег како „вистинско херојство“ кое спасило многу животи. Австралискиот премиер Ентони Албанезе нападот го нарече „чин на чисто зло, антисемитизам и тероризам“, изразувајќи солидарност со еврејската заедница и ветувајќи решителна борба против антисемитизмот. Во меѓувреме, граѓаните палат свеќи и положуваат цвеќе на импровизираниот споменик кај Бонди Павилјонот, додека безбедносните служби се со засилено присуство.