Смртта на хрватскиот ракометар од редовите на РК Бутел – Денис Тот ја шокираше спортската јавност, а оваа трагедија многу го потресе и хрватрскиот интернационалец во редовите на Вардар, Анте Гаџа. Тој во изјава за „Вечерњи лист“ откри дека Тото наводно бил најден од келнерка како лежи во трева и веднаш повикала итна помош.
– Страшно е тоа што се случи. Не го познавав момчето толку добро, се поздравувавме и разменувавме неколку реченици кога игравме еден против друг. Не се видовме, ниту се дружевме надвор од ракометот. Се разбира, целиот град само за тоа зборува. Што се однесува до евентуалниот напад врз него, изненаден сум затоа што овде во Македонија, а особено во Скопје сите го сакаат ракометот – рече Гаџа и продолжи:
-Јас лично никогаш не сум имал проблеми во градот и не верувам дека некој го нападнал од чист мир. Секакви приказни кружат, па не знам што да кажам дека е приближно точно. Неговите соиграчи во соблекувалната рекле дека го пронашла келнерка од кафулето каде што се случил настанот како лежи во тревата. Таа наводно повикала брза помош. Не знам дали ќе се игра нашиот натпревар со нив поради сето ова. Имено, во сабота би требало да им гостуваме во првенствениот натпревар.