Новоизбраниот градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, кандидат на Коалицијата „Твоја Македонија“, преку објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук им се заблагодари на граѓаните за, како што рече, „историскиот успех“ на локалните избори.

„Почитуван народе, почитувани наши кичевчани, драги пријатели и познаници по целиот свет. Сакам длабоко од срце да Ви се заблагодарам за историскиот успех, за големата победа. Вие покажавте дека заеднички можеме многу,“ напиша Јовановски, изразувајќи благодарност и до сите кои му честитале по електронски пат.

„Им благодарам на сите кои преку електронски пат ми честитаат непрекинато во пораки и на истите не можам во разумно време да одговорам – почит до сите Вас! Кичево мудро одбра, проекти и напредок во заедништво, пред поделби и неработливост. Време е за многу работа, време е за заедница, би рекол со живот и соживот! Народот дојде по своето и ќе биде приоритет во мојот мандат,“ порача Јовановски во својата објава.

Со оваа порака, новиот градоначалник најави почеток на, како што потенцира, период на работа, единство и развој на општината.