Кичево по поплавите: Обезбедена мобилна бања за евакуираните граѓани
Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, се огласи по поплавите што ја зафатија територијата на градот на 14 и 15 февруари 2026 година, нагласувајќи дека брзата поддршка и солидарноста се од суштинско значење за помош на погодените граѓани.
Координација со АРМ и обезбедување подобри услови
За унапредување на условите и обезбедување подостоинствен престој на лицата привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“, Општина Кичево, во координација со Генералштабот на АРМ и касарната „Чеде Филиповски-Даме“, овозможи поставување мобилна бања за туширање. Поддршката опфаќа две цистерни, мобилна бања со пресоблекувална и техничко возило со бојлери за обезбедување топла вода.
Од Општината изразија искрена благодарност до Генералштабот на АРМ за навремената и несебична помош, која, како што наведуваат, значително придонесува во справувањето со последиците од поплавите.
Повик за пријавување на штети
Општина Кичево ги повика сите граѓани и правни лица кои претрпеле штета на објекти, предмети или добра во домаќинствата и деловните субјекти да ја пријават настанатата штета. Барањата и потребните информации за пријавување можат да се подигнат во Архивата на Општина Кичево или да се преземат од општинската веб-страница.
