Киев и Москва потврдија дека почнува долгонајавуваната руска офанзива на истокот во Украина, во регионот Донбас.

Почна долгонајавуваната руска офанзива во Донбас. И Киев и Москва потврдија дека руските трупи ги напаѓаат украинските сили долж источниот фронт, кој ја опфаќа зоната на воени судири од околу 500 километри. Украинскиот претседател Зеленски порача дека иако се соочуваат со многу поброен непријател, немаат намера да се предадат и да отстапат дел од територијата.

-Многу голем дел од целата руска армија сега е фокусирана на оваа офанзива.

Колку и да се носат руски војници таму, ние ќе се бориме. Ќе се браниме. Ќе го правиме тоа секојдневно. Ништо украинско нема да дадеме, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина

Пред почетокот на инвазијата се проценуваше дека две третини од Донбас, каде што се самопрогласените Доњецк и Луганск беа под контрола на Украина, но од тогаш руските трупи значително ги зголемија освоените територии. Дел од западните анализи велат дека целта на Путин е до 9 мај, кога Москва го одбележува денот на победата, целосно да го заземе и анектира Донбас и по примерот на Крим. Шефот на руската дипломатија Лавров, најавувајќи битката за Донбас како следна фаза на специјалната операција, повторно истокот на Украина го спореди со Косово.

-Едноставно е истото тоа што ЕУ го преговараше за северот на Косово, каде живеат Срби. И во двата случаја, ЕУ целосно не успеа да го испорача она што беше гарантирано од потписниците. , изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Паралелно со офанзивата на истокот, на југот и натаму трае битката за Мариупол, каде руските сили се обидуваат да го заземат последното украинско упориште, челичарницата Азовстал. Попладнево, руската армија прогласи таканаречен режим на потполна тишина и го прекина огнот, давајќи им ултиматум на украинските борци да го положат оружјето и да ја напуштат фабриката. Украинската војска пак тврди дека во фабриката се засолнети и околу илјада цивили.