Нова рунда трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД е закажана за 4 и 5 февруари во Обединетите Арапски Емирати. Средбите следуваат по нови руски воздушни напади врз цивилни цели во Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев очекува активна улога од САД, особено во делот на деескалација и намалување на нападите, со цел да се зајакне довербата во преговарачкиот процес.
„Очекуваме дека американската страна ќе биде подеднакво активна, а особено ова се однесува на мерките за деескалација. И многу зависи од тоа во што ќе успее американската страна, за луѓето да веруваат и во процесот и во резултатите“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, посочи дека одложувањето на втората рунда мировни преговори било поради несогласувања во распоредот на делегациите и потврди дека разговорите ќе се одржат на 4 и 5 февруари.
„Разговорите беа навистина планирани од самиот почеток, втората рунда од работата на безбедносната група беше закажана за минатата недела, но беа потребни дополнителни прилагодувања на распоредот на трите страни“.
Пред една недела разговорите се одвивале зад затворени врати со посредување на САД преку главниот посредник Стив Виткоф. Во саботата во Мајами, Виткоф се сретнал со рускиот преговарач Кирил Дмитријев. Дмитријев соопштил дека имало конструктивна средба со американската делегација, додека Виткоф навел дека имало продуктивни и конструктивни разговори во рамки на напорите на САД за посредување во решавањето на војната.
И покрај честите средби опишувани како „конструктивни“ и „продуктивни“, сè уште нема согласност за мировен договор. За Москва клучно останува барањето за територијални отстапки, односно Украина да се повлече и од деловите од Донбас – областите Луганск и Доњецк – кои се под контрола на Киев, барање што претседателот Зеленски повеќепати го одбил.
