Киев денеска објави дека неговите сили убиле или раниле околу 500 руски војници во артилериски напад во областа Херсон, јужна Украина.
„Непријателските загуби изнесуваат 500 мртви и ранети“, објави украинскиот Генералштаб во извештајот за нападот кај селото Чулакивка на новогодишната ноќ.
Како што пренесува агенцијата Хина, не е можно да се проверат овие бројки од независни извори, а двете страни често објавуваат високи бројки за загинатите на страната на непријателот.
Генералштабот додаде дека еден ден подоцна руските сили биле нападнати и во селото Федоривки. Не е познат бројот на жртвите.
Овие села се наоѓаат на југоисточната страна на реката Днепар во Херсонската област под руска окупација.
Киев во понеделникот објави дека стотици руски војници биле убиени во напад на новогодишната ноќ во градот Макиивка во Доњецк.
Руското Министерство за одбрана потврди дека се убиени 63 регрути.
Киев тврди дека околу 400 руски војници биле убиени, а 300 биле повредени.
Руските воени блогери, исто така, објавија дека имало неколку стотици жртви.
Според медиумите, убиени се мобилизирани резервисти сместени во зграда да ја дочекаат Новата година.