Насилството во Казахстан беше поттикнато од незадоволството поради поскапувањето на горивото, кое набрзо се претвори во антивладини протести, од кои некои беа насилни.
Кинескиот претседател Си Џинпинг го нарече „многу одговорно” спроведувањето на силните мерки на казахстанската влада против демонстрантите, во порака до претседателот на земјата, додека Германија повика на смирување на ситуацијата, која од протест се претвори во крвав бунт.
-Одлучно презедовте цврста акција во критичните моменти и брзо ја смиривте ситуацијата, покажувајќи ја на тој начин вашата одговорност и вашето чувство за тоа што треба да се прави како политичар, наведе кинескиот претседател во пораката до Касим-Жомарт Токаев.
Тој додаде дека неговиот колега од Казахстан се покажал „високо одговорен за својата земја и својот народ”, објави агенцијата Ксинхуа.
Насилството во Казахстан беше поттикнато од незадоволството поради поскапувањето на горивото, кое набрзо се претвори во антивладини протести, од кои некои беа насилни.
Казахстанскиот претседател Токаев им дозволи на силите за спроведување на законот да пукаат „без предупредување” во „вооружените банди” кои предизвикаа немири.
Тој, исто така, отфрли секаква можност за преговарање со демонстрантите, нарекувајќи ги „апсурдни” таквите барања од странство.
Десетици луѓе се убиени или повредени, соопшти казахстанската влада.
Германија, пак, повика на смирување на ситуацијата и наоѓање мирно решение.
-Германската влада е убедена дека насилството како она што се случува во Казахстан „никогаш не е соодветен одговор, рече портпаролката Кристијане Хофман.
„Ги повикуваме сите вклучени страни да се деескалираат и да најдат мирно решение”, порача таа.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, пак, истакна дека „употребата на смртоносна сила со вистински куршуми против цивили не е опција”.
„Покрај тоа, кога се користат воени сили, ова може да биде само последна опција”, додаде тој.
Казахстан, најголемата земја во Централна Азија, е зафатена од немири кои избувнаа во неделата, а потоа се проширија во другите градови.
Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со Токаев неколку пати, како и со други лидери на Организацијата за заеднички договор за безбедност, воен сојуз на неколку поранешни советски републики.
Сојузот соопшти дека распоредиле околу 250 војници на барање на Токаев.