Си повика на напори за деескалација меѓу Иран и Израел

Кинескиот претседател Си Џинпинг повика на деескалација меѓу Иран и Израел, нагласувајќи дека е неопходен итен прекин на огнот. Повикот беше упатен за време на разговор со рускиот претседател Владимир Путин, а според Си-Ен-Ен, пораката речиси отворено била насочена до американскиот претседател Доналд Трамп, кој размислува за евентуално вклучување на САД во воени дејствија.

Според кинеското Министерство за надворешни работи, Си истакнал дека дејствијата на глобалните сили треба да придонесуваат кон стабилизација, а не заострување.

„Меѓународната заедница, особено големите сили кои имаат посебно влијание врз страните во конфликтот, треба да работат на смирување на ситуацијата, а не обратно“, изјавил Си.

Иако не ги спомена директно САД, неговата изјава беше протолкувана како насочена кон Вашингтон. За време на разговорот, Си го повторил ставот дека е неопходно веднаш да се прекинат сите напади, со посебен акцент на Израел.

Москва предупредува: Американска интервенција би предизвикала ескалација

Паралелно со ставот на Пекинг, и Москва испрати предупредување до американскиот претседател Трамп. Кремљ јавно се спротивстави на можноста САД да се вклучат во конфликтот и посочи на сериозните последици од евентуалната интервенција.

„Интервенцијата на САД во конфликтот би означила страшна спирала на ескалација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руската новинска агенција Интерфакс.

Техеран: Ако САД интервенираат, Иран ќе реагира

Официјален Техеран исто така ја предупреди американската страна да не се вмешува во конфликтот. Според државната телевизија на Иран, заменик-министерот за надворешни работи, Казем Гарибабади, испрати остро формулирана изјава до САД.

„Доколку САД сакаат активно да интервенираат во поддршка на ционистичкиот режим, Иран ќе мора да ги користи своите алатки за да им одржи лекција на агресорите и да ја брани својата национална безбедност и интереси“, изјави Гарибабади.

Во услови на зголемена нестабилност на Блискиот Исток, повиците за деескалација добиваат тежина, особено кога пристигнуваат од водечки сили како Кина и Русија.