Кина соопшти дека спроведува воени вежби на дел од својата територија спроти Тајван, откако ја предупреди претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, да се откаже од плановите да го посети островот.

Пекинг го смета Тајван за дел од својата територија.

Новинската агенција Синхуа јави дека Народноослободителната војска на Кина спроведува „вежби за гаѓање“ во близина на островот Пингтан кај провинцијата Фуџијан од 8:00 до 21:00 часот по локално време.

Управата за поморска безбедност ги предупреди бродовите да ја избегнуваат областа.

Ваквите вежби обично вклучуваат артилерија. Не е познато дали во вежбата биле вклучени проектили, авиони или друго оружје.

Пелоси, којашто ќе биде највисоката американска функционерка што го посетила Тајван од 1997 година, допрва треба да потврди дали и кога ќе го посети островот.

Кинескиот претседател Си Џинпинг во телефонскиот разговор со неговиот американски колега Џозеф Бајден таквата посета ја окарактеризира како „надворешно мешање“ во работите на Кина со островот.

Кина смета дека Тајван нема право да води независна надворешна политика и ги гледа посетите на американските претставници на островот како поддршка за едностраното признавање на независноста на таа територија.