Кина најави зголемување на царините за американските стоки од досегашните 84% на 125%, како контрамерка на најновите трговски потези од САД. Според соопштението на кинеската Комисија за царини при Државниот совет, ова ќе биде последно покачување на увозните давачки, без оглед на идните чекори на Вашингтон.

Само неколку дена претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ги зголемуваат царините за кинеските производи на исто така 125%. Тој изјави дека ваквиот чекор е неопходен за да се натера Кина да разбере дека „дерењето на САД и на други земји повеќе не е одржливо ниту прифатливо“.

Кинеските власти ја осудија одлуката на Трамп, нарекувајќи ја „еднострано силеџиство и принуда“ и „сериозно кршење на меѓународните економски и трговски правила, како и на основните економски закони и здравиот разум“.

Во соопштението на кинеската страна се додава дека зголемените давачки стапуваат на сила од сабота и дека „на ова ниво, американските стоки веќе немаат реална можност да најдат пазар во Кина“. Властите во Пекинг најавија дека нема дополнително да реагираат, дури и доколку САД продолжат да воведуваат нови мерки.

Со овој потег, трговската војна меѓу двете најголеми светски економии влегува во нова, уште потензична фаза, со можни последици врз глобалната економија.