КИНСИВ започна истражна постапка

Мал спортски авион денеска слета во водите на Мавровско Езеро, а надлежните служби веднаш започнаа истрага за причините што довеле до инцидентот. Според првите информации, двајцата кои биле во леталото се повредени, но без опасност по живот.

Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) соопшти дека е започната постапка за утврдување на сите околности. Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, за МИА изјави дека „посадата на воздухопловот не е во животна опасност“.

Тој прецизира дека денеска во 12:30 часот стигнала информација оти мал спортски воздухоплов од типот Пајпер 28 слетал во Мавровско Езеро.

„Тимот на КИНСИВ веднаш излезе на терен и почна со истрага. Воздухопловот е во приватна сопственост и со американски регистарски ознаки и посадата на воздухопловот не е во животна опасност“, изјави Прпоски и најави дека во наредните денови ќе има дополнителни информации од истрагата.

Полицијата опиша што се случило

Од СВР Тетово претходно информираа дека две лица се пренесени во гостиварската болница со повреди здобиени при падот на спортскиот авион во езерото.

Портпаролот Фатмир Реџепи соопшти:

„Денеска во 12:35 часот во СВР Тетово – ОВР Гостивар е пријавено дека во Мавровското Езеро, во близина на браната ‘Белички канал’ паднал мал спортски авион“.

Тој додаде дека според пријавеното, „од авионот на копното успеале да излезат двајца косовски државјани Џ.П.(41) и Д.М.(64), кој го управувал леталото. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицински центар Гостивар за укажување помош“.

Според полициските информации, службениците веднаш излегле на терен и во разговор со пилотот Д.М. тој изјавил дека поради проблем со моторот бил принуден да слета во езерото, недалеку од браната.