Се чисти на три поголеми локации, мапирани како точки на кои е евидентирано натрупување на опасниот отпад, за кој e предвиден посебен третман. Чистењето започна околу Центарот за зависници, се одвива во неколку траси, и ќе се трае во текот на целиот ден.

Во акцијата за чистење на комуналниот отпад, учествуваат сезонски работници ангажирани од општина Кисела Вода. Тие работат на миење на улиците, собирање на сметот, метење на паднатите лисја, перење на плочниците и тротоарите, косење на нараснатите тревни површини.

Во делот на собирање на медицинскиот отпад, е ангажирано здружението ХОПС, бидејќи согласно законските одредби, собирање и транспортирање на медицинскиот отпад може да врши само овластено правно или физичко лице. Согласно постигнатиот договор со Општина Кисела Вода, ХОПС ќе продолжи секојдневно, со теренско возило да го чисти медицинскиот отпад од територија на општина Кисела Вода и во наредниот период.

Општина Кисела Вода потсетува дека медицинскиот отпад е опасен и може да предизвика значителна штета на здравјето на луѓето. Апелираме доколку граѓаните забележат вакво незаконско одложување на отпад, случајот да го пријават. Притоа, доколку се работи за медицински отпад, на располагање стои телефонскиот број 075/769-948. (здружение ХОПС)