Генералниот секретар на БЕСА и министер за земјоделство, Аријанит Хоџа најави дека тројцата пратеници на партијата ќе гласаат за недоверба на Владата во четврток.
„Во рушењето на Владата, во чекорот што е депониран во Собранието, ќе учествуваат нашите пратеници. Што ќе биде потоа одлучуваат партиските органи. Не ги затворам опциите дека во иднина ќе можеме да разговараме со СДСМ, ниту со премиерот Зоран Заев, за кој морам да кажам дека е еден од луѓето што најмногу се жртвуваше на патувањето на Северна Македонија во евро-атлантските процеси“, рече Хоџа во емисијата „200“ на Алсат.
Тој додава дека ако тогаш не успеат да ја урнат ќе излезат од владејачката коалиција.
„Едноставно, заеднички интерес е рушење на Владата. Ние да ги дефакторизираме ДУИ, а тие да ја урнат власта. Тоа е првиот чекор што треба да го направиме“, додава Хоџа.
Во пресрет на гласањето в четврток доцна синоќа во Собранието беше премиерот. Спикерот Џафери го повикал за „лично да го информира за поставеното прашање за доверба на Владата и за понатамошните деловнички чекори“. Партијата на Заев, СДСМ, треба денес да ја разгледа неговата најавена оставка и наредните потези.