Со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука денеска ќе одржиме состанок на којшто ќе разговараме за донесување дополнителни мерки и целосно неутрализирање на проблемот со дојавите за бомби со кој не се соочуваме само ние, туку и други држави, со цел да овозможиме непречена настава за учениците, најави премиерот Димитер Ковачевски.
Вели дека како систем не сме ја загубиле сајбер војната и нема да ја загубиме.
Овие хибридни напади се дел од војната во Украина и тоа на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, додава премиерот.
Единствена цел на хибридните напади, според него е внесување немир во земја-членка на НАТО.
Обврска на МВР е да ја гарантира и обезбеди безбедноста и согласно со процедурите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведат процедури што се пропишани согласно Закон. Заради спречување на напуштање училиштата МВР и МОН секојдневно работат за да се изнајде начин како да се спроведат процедури што ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава за бомба, а децата да можат да посетуваат настава. И јас како родител се соочувам со истите проблеми, не е нешто за кое не знам дека случува, додава премиерот.
Потсети дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера сподели информации за спроведување протоколи.
Како што вчера изјави Спасовски, МВР патролно веќе ги обезбедува сите училишта 24 часа, но согласно новиот акт, веднаш по дојавата за бомба ќе треба да се преземат одредени мерки, и како што рече, од тоа нема да има отстапки.
Ова не е активност со која може да се справи само МВР. Ова е активност со која треба да се справат сите институции и затоа се формираше работен тим во рамките на Владата, во кој влегуваат институциите – Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за електронски комуникации и секој има свои активности кои треба да бидат преземени во овој дел. Ние во овој период работевме интензивно и денеска донесовме посебно упатство, односно посебен акт, што е во согласност со приликите кои се сега, заради тоа што имаше упатство кое беше застарено во делот на тероризмот. Согласно тоа упатство ќе започнеме нови активности, вели Спасовски.