Поради бизнис-интереси, индивидуалци во Владата и во Собранието сакаат на работниците да им го одземат пристојното работно време кое е едно од најголемите цивилизациски придобивки на луѓето, велат синдикатите откако во прво читање во Собранието поминаа законските измени што овозможуваат зголемување на работното време на 60 часа неделно за работниците кои ќе ги градат коридорите.

Синдикатите обвинуваат дека пратениците не знаат што значи да се работи 190 часа повеќе од законските норми во годината. Велат дека повеќе од три месеци работниците нема да имаат слободен ден, а нема да може да одмораат ниту во недела.

„Работниците на тој проект веројатно ќе изгинат, веројатно ќе добијат одредени заболувања, ќе добијат одредени повреди кои ќе значат опасност по нивните животи. Математиките кои ние ги правиме велат дека работниците на тие проекти ќе работат по 12 часови дневно“, изјави Слободан Трендафилов ССМ, за Алсат.

Борците за работнички права се револтирани дека вакви сериозни измени во Законот за работни односи пратениците од власта сакаат да ги направат во рок од два дена и тоа, како што велат синдикалците, на еден срамен и недостоинствен начин. ССМ апелира до пратениците да не ги гласаат овие законски измени.

Собранието да не ги гласа измените во Законот за работни односи побара и здружението Гласен текстилец.

Минатата година „Гласен текстилец„ поднесе иницијатива до Уставен суд за оценување на уставоста и законитоста на членот 12 од Законот кој одобрува градежни работи во просек од 60часа неделно за Коридорот 8 и Коридорот 10. Тогаш судиите беа на исти став, дека тој член е неуставен и е на штета на работниците

„Ова нешто веќе беше прогласена како неуставно, тоа воведување на прекувремена работа. Со новите измени Министерството за труд и социјална политика бара да се воведе прекувремена работа подолго од 40часа неделно, за проект кој се смета од стратешки интерес на државата“ рече на денешната прес конференцијаа Кристина Ампева

Активистите порачуваат доколку се изгласат дополнувањата во Законот за работни односи, ќе поднесат нова иницијатива пред Уставен суд за оценување на уставноста.