За долговите за каматите на сметките за струја и парно како и останатите режиски трошоци кои им се плаќаат на приватни фирми оваа мерка нема да важи, но владата апелира и приватните компании да се приклучат и да им ги простат долговите за камати на граѓаните.
Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на ковид-19 денеска го промовираше премиерот Зоран Заев, кој рече дека како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, овој закон беше вклучен во петтиот пакет мерки на Владата.
Тој беше дециден дека законското решение нема негативни финансиски импликации, туку ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот на каматите, да ја исплатат само главницата на долгот, и тоа на повеќе рати.
-Практично, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите, тука се опфатени пред се најсиромашните граѓани, рече Заев.
Објаснувајќи ја постапката, тој рече дека државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон.
Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со јавна објава на официјалната веб-страница на државните органи и јавните институции, преку електронските и печатените медиуми или друг начин, како, на пример, известување и опис на постапката преку сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.
Законот се однесува на државните и јавните претпријатија, па Заев од прес-конференцијата упати апел до приватните компании доброволно, и со, како што рече, демонстрирање општествена одговорност, и да им излезат пресрет на граѓаните и тие да им ги отпишат каматите, бидејќи се работи за граѓани, особено социјално ранливи, кои во време на ковид-кризата, не по своја вина, се соочија со потешкотии во подмирувањето на своите обврски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ваквиот закон е фер, пак, кон оние што редовно си ги плаќаат долговите, Заев рече дека не се работи за целосно отпишување на долговите туку само на каматите, додека главнината останува да си ја платат.