Возењето под дејство на алкохол, дрога или со значително надмината брзина ќе претставува кривично дело

Возењето под дејство на алкохол над 1,5 г/кг промили, со забрзување над дозволената брзина или под дејство на дрога, како и други ризични возачки дејствија, од годинава се третираат како кривично дело, согласно членот 297-а „Безобѕирно управување со моторно возило“ од Кривичниот законик. Примената на овој член е значаен чекор за зајакнување на сообраќајната безбедност, иако неговата целосна примена сè уште е ограничена поради недонесени измени на поврзани закони.

Во првите шест месеци од 2025 година, МВР евидентирало 157 кривични пријави за „безобѕирно управување со моторно возило“, што е речиси четирикратно зголемување во однос на 2024 година. Само во август, 82 лица биле лишени од слобода, најчесто поради возење под дејство на алкохол или со значително надмината брзина. Најмногу пријави се регистрирани во Тетово, Прилеп, Кочани, Делчево и Гостивар.

Јавното обвинителство нагласува дека, иако кривичното дело е воспоставено, неговата примена е ограничена се додека не се усогласат сите релевантни закони.

Министерството за правда подготвува нови измени, кои предвидуваат построги казни, одземање на возила, забрана за управување со возило до 10 години, инкриминирање на недозволени трки и управување без дозвола.

Со новите законски измени, кои се дел од Проектот Safe City, се очекува зголемена контрола на патиштата, поголема одговорност кај возачите и намалување на бројот на ризични ситуации, со цел безбедноста во сообраќајот да стане приоритет и правен стандард за сите учесници.