Општина Охрид донесе решение за отстранување на времените објекти, во автокампот „Градиште“ откако беше извршен вонреден инспекциски надзор на 15 автокамп приколки и биле затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи.

Како што информира градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, при инспекцискиот надзор биле затекнати и недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти, а на одредени локации и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија.

-Овие дејствија во автокампот ‘Градиште’ се надвор од сите одобрени проекти и законски прописи токму затоа Општина Охрид апелира, сопствениците сами да ги отстранат сите доградби и надградби на камп-приколките во спротивно во следниот период ќе бидат отстранети. Општина Охрид и во следниот период ќе продолжи со спроведување на инспекциски контроли и во другите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро, информира Георгиески.