Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денеска на заедничка прес-конференција ја најавија реконструкцијата на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, кај граѓаните позната како „Партизан“.

За комплетната реконструкција на внатрешноста и на надворешниот дел на салата се предвидени 69,5 милиони денари.

– Со севкупната обнова го враќаме првичниот сјај и функционалност на оваа спортска сала која е гордост за Карпош и за која се врзани дел од најубавите спомени на голем број скопјани. Токму тука се родија и афирмираа плејада спортисти во различни спортски дисциплини. Како Влада која сериозен дел од својот фокус определува за млади и спорт, а водени од важноста која ја има овој објект преку АМС инвестираме 69,5 милиони денари државни средства за да може „Партизан“ да биде целосно современо функционално уредено спортско игралиште. За да го вратиме некогашниот дух на спортски ентузијазам и да создадеме уште едно место за спортски активности на младите и на сите граѓани, изјави Ковачевски.

Тој најави изградба и на други спортски објекти низ целата држава.

– Инвестираме исто така во објекти кои се од капитално значење и вредност и за државата, но и за младите и за спортот. Во услови на светска економска криза градиме капацитети со кои го подобруваме животот на граѓаните и ги поттикнуваме на спортување и рекреација кои се важни и за менталното и за физичкото здравје. Продолжуваме да вложуваме по план во секоја општина, населено место во државата создавајќи општество со еднакви можности за сите. Наша цел е да се поттикне физичката активност кај младите луѓе, а пред се да се стимулира и развојот на спортската култура во земјата, да се креираат политики на интегритет во спортските организации, но и поголема родова застапеност во сите сегменти на спортот, додаде премиерот.

Директорот на АМС изрази задоволство од почетокот на реконструкцијата на објектот кој во минатото беше собиралиште на многу луѓе кои практикуваа спорт и професионално и рекреативно.

– Салата „Партизан“ е гордост за жителите на Карпош. Од ова место излегле многу големи спортски имиња. Ќе успееме да ја подготвиме повторно да се исполни со спортисти, публика и натпревари. Чест ми е што денес сме сведоци на обновувањето на „Партизан“. По долги години салата ќе биде целосно реконструирана со финансиска поддршка од влада на Северна Македонија. Култната сала „Партизан“ заслужува да блесне, а карпошани и скопјани да си ја вратат својата гордост. Со нетрпение ги очекуваме новите спортските активности во овој објект, истакна Мојсовски.