„Ново насилно менување на Уставот ќе остави трајни последици, таков еден чекор ќе биде уште по катастрофален. Ние сме отворени за постизборна соработка на поширока основа од она што е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за да се обидеме сите сили да ги впрегнеме во враќање во правилна насока бидејќи ова не иде во добра насока“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Клековски во вечерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Телевизија Алфа.

Тој продолжи и додаде дека најголемото дело против ЕУ интеграциите е корупцијата.

„Се редат скандали ден за ден и не може јавноста да запамети колку скандали веќе има. Овие што сега се продаваат за европејци пред 20 години што правеа во Македонија? Луѓето треба да разберат и да се определат која опција ја сакаат за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е далеку подобра опција за Македонија и дека ќе ја врати Македонија во правилна насока на движење“, кажа Клековски.

Тој истакна дека ако има корупција каде што ВМРО-ДПМНЕ е власт а тоа се општините тогаш нека појде Јавниот обвинител, нека потегнат кривични пријави бидејќи кај нив се алатките.

„Ако сакаме да се смени ова што не ни се допаѓа, тогаш ние мора да расчистиме со клиентелистичка држава и партиите кои се додворуваат на потенцијални групи и поединци кои се додворуваат за да останат на власт. Една од битните прашања што ВМРО-ДПМНЕ го истакнува е да следната влада биде без ДУИ бидејќи ДУИ се највеќе на политичка сцена“, потенцираше Клековски.