Дигиталната трансформација на здравствениот систем и зајакнувањето на примарната здравствена заштита со фокус на превенцијата и раното откривање на болестите се меѓу клучните приоритети на Министерството за здравство, порача министерот Сашо Клековски на 76. седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа во Копенхаген.
Како што соопшти Министерството за здравство, Клековски во обраќањето истакнал дека Македонија се соочува со исти предизвици како и другите земји во европскиот регион, меѓу кои демографските промени, стареењето на населението, растечкиот товар на незаразните болести и одливот на здравствени кадри.
-Вложувањето во здравството е инвестиција во економскиот и социјалниот развој. Затоа, дигиталната трансформација е еден од нашите најважни национални приоритети. Сакаме поповрзан, поефикасен и потранспарентен здравствен систем – изјавил Клековски.
Тој нагласил дека подеднакво важно е и зајакнувањето на примарното здравство, со посебен акцент на превенцијата и раното откривање на незаразните болести, вклучително и канцерогените заболувања.
Во делот на превентивните политики, министерот посочил дека Министерството ја засилува забраната за пушење и подготвува мерки поврзани со засладените пијалаци. Како други приоритети ги навел подобрувањето на пристапот до лекови, финансиската заштита на пациентите, модернизацијата на законската регулатива и одржливото финансирање на здравствениот систем.
На седницата во Копенхаген биле разгледувани повеќе извештаи и предлози за идната работа на Светската здравствена организација, а своите програми ги претставиле и шестемина кандидати за нов генерален директор на организацијата.
