Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва беше гостин во дневникот на телевизија Сител во тема на денот каде што истакна дека владата на СДСМ и ДУИ е делигитимирана и нема капацитет да се справи со сите кризи кои што доминираат во државата, а граѓаните живеат се полошо.

„Мислам дека е јасно дека оваа влада е делигитимирана, нема легитимитет да ја управува Македонија понатаму тоа беше потврдено уште на локалните избори, беше резултат не една колосална неспособност во справувањето со здравствената и економската криза. Подоцна на тоа се надоврза и енергетската криза. Владата на СДСМ и ДУИ се обиде изборите да ги избегне со промена на премиерот и реконструкција, меѓутоа после повеќе од 100 дена се покажа дека негативниот тренд продолжува понатаму. Само 16 % од граѓаните веруваат дека се движиме во правилна насока, а сите останати веруваат дека се движиме во погрешна насока“ нагласи Клековски.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Клековски истакна и дека оваа влада на СДСМ/ДУИ е со најниска доверба до сега, а граѓаните живеат се полошо.

„Владата е со најниска доверба било кога до сега, се повеќе граѓани живеат полошо од претходно, без перспектива дека ќе живеат подобро. Имаме премногу погрешни чекори, неспособност за што граѓаните мора да се одлучат на предвремени парламентарни избори како ќе биде водена Македонија“ рече Клековски.

Клековски во своето гостување додаде и дека оваа влада нема капацитет да ја управува и владее Македонија во правилна насока и што побргу мора да замине.

„Ние сме сигурни дека оваа влада мора да замине. Оваа влада нема капацитет да ја управува и владее Македонија во правилна насока. Отука,мора да дојде до промена, ВМРО-ДПМНЕ напорно работи да ја постигне целта после изборите да се формира нова влада која ќе понуди опции за излез од економската, кризата во надворешната политика ЕУ интеграциите и сите други кризи кои овие неколку години доминираат“ нагласи Клековски.

Клековски истакна и дека предвремените парламентарни избори се од корист и за СДСМ и мора да се изнајде начин да се излезе од овој ќорсокак во кој ја доведоа државата.

„Предвремените избори се од корист и за СДСМ. СДСМ нема да го подобри рејтингот во наредниот период, тој само ќе станува полош. Ако мислат дека за две години ќе бидат со подобар рејтинг се во голема заблуда. А и која е смислата на владеењето ако земјата оди во пропаст. Мислам дека сите заедно мораме да смогнеме сили да излезиме од овој ќорсокак. Не ќорсокак туку одење во бездна“ истакна Клековски.