Директорот на Фонд за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, вечерва во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ истакна дека покрај обезбедувањето на основните лекови, неопходно е поголемо вложување во современи терапии за справување со хроничните заболувања.
Тој посочи дека системот веќе покрива есенцијални лекови преку позитивната листа, но дека идниот фокус мора да биде насочен кон терапии кои спречуваат или одложуваат компликации кај пациентите. Според него, бројот на издадени рецепти надминува 25 милиони годишно, со вредност од околу 55 милиони евра.
Во споредба со Србија, каде за позитивната листа се издвојуваат значително повеќе средства, Клековски нагласи дека постои простор за унапредување на системот во Македонија.
Тој информираше дека во изминатиот период на позитивната листа се додадени 13 нови лекови, при што системот кај нас се базира на генерички лекови, за разлика од некои земји каде листите се врзани за конкретни брендови.
Како приоритети, Клековски ги посочи лекувањата за најчестите заболувања, особено кардиоваскуларните болести, кои учествуваат со околу 60 проценти во вкупната смртност во земјата. Тој нагласи дека постојат современи лекови кои можат значително да го намалат ризикот од срцев и мозочен удар, но потребно е нивно поголемо вклучување во системот.
Дополнително, беа направени промени и во начинот на издавање на одредени онколошки терапии, кои наместо исклучиво во болнички услови, сега се достапни и преку аптеки, со што се намалува товарот врз пациентите и здравствените установи.
Клековски посочи дека новите, поскапи лекови бараат и построга контрола при нивното препишување, за разлика од поевтините терапии кои сочинуваат значителен дел од рецептите.
„Мора да направиме исчекор – да обезбедиме пристап до поквалитетни терапии, но истовремено да воспоставиме ефикасна контрола на нивната употреба“, истакна Клековски, додавајќи дека реформите во позитивната листа ќе продолжат и во наредниот период.
Извор: 4news.mk
