Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко ги повика граѓаните да останат во своите домови од утре до понеделник, во периодот кога Русија го одбележува Денот на победата, бидејќи западните власти издадоа предупредување дека рускиот претседател Владимир Путин би можел официјално да и објави војна на Украина на 9 мај, симболичниот ден за Русија.
Иако градоначалникот на Киев формално не воведува полициски час, во тоа време нема да се организираат настани, според објавите на неговите социјални мрежи, јави Си-Ен-Ен.
Тој додаде дека патролите во градот ќе бидат засилени.
– Ако некој сака да оди да положи цвеќе, може да го направи тоа сам. Внимавајте и придржувајте се до правилата за воена безбедност, посочи Кличко.
– Исто така ве замолувам да не ги игнорирате воздушните предупредувачки сигнали и веднаш да се засолните. Во наредните денови постои голема веројатност за ракетни напади во сите региони на Украина. Внимавајте и грижете се за сопствената безбедност!, предупреди градоначалникот на Киев.